Македонија заедно со Словенија и Црна Гора ја имаше честа да биде организатор на Европското првенство 2022 во женска конкуренција.
На прес-конференцијата како најава за крајот на шампионатот зборуваше првиот човек на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов.
„Чест ми е што сум тука. Прво би сакал да ѝ се заблагодарам на ЕХФ за довербата која ја покажа за македонската ракометна федерација, за организација на овој проект. Уште пред пет години, кога ја испративме апликацијата, направивме сè што можевме за да бидеме добри домаќини на женското Европско првенство, вклучувајќи нови логистички и инфраструктирни решенија. Драго ни е што како држава бевме организатори на натпреварување од највисоко ниво. Женскиот ракомет има долга традиција во Македонија, уште од 30-те години од минатиот век. Нашиот тим по десет години конечно беше дел од едно големо натпреварување. Би сакал да им се заблагодарам на сите кои беа дел од организацијата. Волонтерите од сите три држави, медиумите и сите други кои го поддржаа овој настан. Секако и на ЕХФ која ни даде поддршка при подготовките за турнирот. Мислам дека сите три федерации покажавме дека би можеле да бидеме дел од поголеми натпреварувања во иднина. Се надевам дека сите вие ќе заминете со добри спомени од Македонија, Словенија и Црна Гора“, изјави Мукаетов.