Петар Ненадиќ беше избран за најдобар ракометар во Европа за 2019 година. Сепак, тој не настапи за својата селекција на Европското првенство, а Србија со три порази во Грац доживеа елиминација.
Бекот на Веспрем веќе две години е на пауза од репрезентацијата, а за локалните медиуми изјави дека им е потребен добар селектор. Исто така индиректно најави дека со добра клупа, тој би се вратил да игра.
„Сè и сешто се изнагледав во репрезентацијата. Атмосферата секогаш била добра, но освен Врањеш и Хасанефендиќ, сме немале стабилен и вистински селектор. Во години сум кога можам многу, имам и волја и желба, но дајте луѓе донесете добар тренер и сите заедно да почнеме да работиме. Вака веќе не оди“, започна ракометарот на Веспрем.
Според Петар, проблемите настануваат поради суетата на српските селектори.
„Нашите стручњаци сметаат дека играчите треба да ги бараат и молат. Во другите селекции ракометарите се следат, им се јавуваат, разговараат со нив, се дружат. Кај нас тоа го нема.
Секој јануари иста приказна. За 15 години само двапати минавме во вториот круг. Доста е веќе. Резултатот во Грац е слика и прилика на нашиот ракомет кој не функционира веќе 20 години. Воден е од погрешни луѓе, нема систем, план и цели“, јасен е српскиот бек.
33-годишникот ги повика одговорните лица да преземат одговорност, за да не се случи крај на ракометот во оваа земја.
„Ќе преземе ли некој конечно одговорност за пропастот на српскиот ракомет? Сите возови заминаа, немаме веќе ништо, дојдовме до дното. Нека преземат одговорност и сите нека си одат, само тоа е решение, нов почеток. Доколку не се сменат работите, не ни бега катанец на ракометот“, заврши Ненадиќ.
Ракометарот на Веспрем беше дел од генерацијата која многу ветуваше, но успехот изостана. Со исклучок на Европското првенство во 2012 година, кога на домашен терен завршија како сребрени, Србите не бележат задоволувачки резултати, иако има солидни поединци.
извор: gol.mk