Вардар ја задржа лидерската позиција во групата А во Лигата на шампионите, откако во четвртото коло на домашен терен го совлада и Рајн Некар со 29:27.
– Одигравме тежок натпревар. Навистина е многу тешко да се игра и да се победи против извонреден тим како што е Рајн Некар во кој играат неверојатни ракометари. Во првиот дел имавме проблеми. Не реализиравме неколку ситуации, но одигравме поквалитетно во вториот дел од средбата. Сепак, најважна е победата на крајот. Тоа е она што го правиме, играме добро и победите доаѓаат, истакна тренерот на Вардар, Роберто Парондо.
Тренерот на Рајн Некар, Николај Јакобсен, чиј тим од гостувањето во Скопје повторно заминува без бодови, се пожали на третманот на судиите.
– Им честитам на Роберто и на Вардар за победата. Имавме проблеми во второто полувреме. Разочаран сум бидејќи не победивме. Решавачки момент беше почетокот на вториот дел кога имавме проблеми во играта. Судиите не ни дадоа доволно можности да имаме фер шанса за победата. Тоа е што е и одиме понатаму, наведе Јакобсен.
Ракометарот на Вардар, Иван Чупиќ, изјави дека е важно да се биде голем спортист и кога се победува, но и кога се губи.
– Им се заблагодарувам на Рајн Некар за коректната игра и особено на тренерот кој ми е еден од омилените. Сепак, една работа не можам да ја сфатам. Втор меч по ред се зборува за судиите и за Вардар. Едноставно нема причина за тоа. Веќе 15 години сум во Лигата на шампионите и сум одиграл многу вакви средби и можам да кажам дека мора да се биде голем спортист до крајот. Рајн Некар игра без притисок и има квалитет и затоа игра така силно на секоја средба. Сепак, денеска ние бевме нешто подобри, нагласи Чупиќ.
Вардар во следното коло гостува кај Кјелце.