сабота, 24. февруари 2024. Вести денес: 0
home Ракомет

По Франција и Данска е на прагот да си замине дома, реми со Унгарија

По Франција и Данска е на прагот да си замине дома, реми со Унгарија

Големиот фаворит за медал и светски првак Данска се намачи со Унгарија, одигра реми (24-24) во рамки на втората рунда и прашање е дали ќе остане дел од Европското првенство (ЕП) кое се игра во Австрија, Шведска и Норвешка.

Данците мораа да победат, но едвај се спасија во финишот. Имаа шанси да дојдат до полн плен, меѓутоа грешките на крајот беа кобни. Сега во последната рунда тие ќе треба да ја победат Русија, но и да се надеваат дека ќе им оди во прилог резултатот на мечот меѓу Исланд и Унгарија.

Данска константно губеше и бркаше негатива уште од стартот, а истата успеа да ја достигне во последните пет минути кога се врати од минус два гола и изедначи на 23-23. Кога најмногу требаше Миклер му фати топка на Наѓ, за Лауге Шмид потоа да повлече напад за Данска и да го проигра Тофт Хансен, кој реализира за 24-23, прво водство на Данците на оваа средба.

На три минути пред крајот Унгарија направи техничка грешка преку Бока, но и Данска во клучен момент погреши, па тоа го казни Золтан Зита, за 24-24 на 100 секунди пред крајот. Тоа беше знак за Јакобсен да повика тајм-аут, но и тоа не помогна затоа што Хансен на осум секунди пред крајот не го надмудри Миклер. Последниот збор го имаше Унгарија, но и тие не реализираа, па мечот заврши без победник.

Најдобар кај Данска беше Браминг со шест гола, а Менсах, Хансен и Лауге Шмид имаа по три гола, додека кај Унгарците прво име беше Балог со седум, пред Зита со пет гола. Исланд е лидер во групата со четири бода, додека Унгарија е втора со три. Данска е трета со еден, а Русија е веќе испадната.

Во последното коло Исланд ќе мора да слави над Унгарија, а Данска да биде подобра од Русија.

 

извор: gol.mk