Тренерот на Вардар, Роберто Парондо по победата над Веспрем вечерва во финалето на „Фајнал фор“ турнирот во Келн изјави дека ова е неверојатен резултат за клубот и се заблагодари на играчите и раководството.
– За секој кој се разбира од ракомет, можам да кажам дека ова беше одличен турнир. Им честитам на Веспрем, играа многу добро и цврсто, но само еден тим можеше да победи. Немам зборови за моите момци и за нивниот подвиг. Им благодарам на играчите, на клубот, се беше неверојатно, изјави Парондо на пресот по мечот.
Стојанче Стоилов, капитенот на Вардар, честиташе на фер играта на тимот на Веспрем вечерва и за добриот натпревар.
– Не сакам да зборувам многу сега бидејќи сум преполн со емоции од победата, ова беше тешка година со среќен крај. Ова беше одлична недела за нас и мојата земја, Република Македонија, рече Стилов, кој со тоа го корегираше портпаролот на ЕХФ, откако Вардар беше претставен како шампион на Северна Македонија.