Датумот втори јуни има посебно место во срцата на секој фан на Вардар, затоа што пред точно две години „црвено-црните“ приредија историски подвиг и по вторпат ја освоија титулата од Лигата на шампионите. Ако во 2017 година имаа тим кој беше зрел за ваков успех, во 2019 никој не го сметаше Вардар за легитимен кандидат за трофејот. По „егзодусот“ на многу ракометари, нивните замени не ги гледаа како квалитетни во Европа, ама инаетот беше поголем и покрај проблемите стигнаа до втора европска титула.
Клубот беше во финансиска криза, играчите беа на заминување и без плата речиси девет месеци. Сепак, спортот победи и Вардар ја испиша една од најубавите ракометни приказни. По епскиот пресврт против Барса, во финалето Веспрем капитулираше пред „црвено-црниот“ колектив (27-24).
Завршната минута од финалето со Веспрем:
Приказната за втората титула на Вардар силно одекна во Европа, иако заминаа дел од главните протагонисти клубот не се откажува од идејата пак да биде конкурентен во Лигата на шампионите.
Минаа три години од вториот голем успех во елитното натпреварување, а навивачите и јавноста чекаат и потајно се надеваат дека ерата на силен Вардар некогаш ќе се врати.