Сите категории на женскиот ракомет веќе некое време се комплетно водени од координатор-тренерот Љубомир Савевски, по поразот од Украина посочи дека ќе преземе одговорност и нема да го продолжува договорот доколку не види напредок во најсилната репрезентација. Македонија загуби на домашен терен од Украина со резултат 22:24 во првиот бараж за настап на Светското првенство, па иако Савевски се надева на подобро издание во Унгарија и надополнување на негативата од два гола, не пропушти да нагласи дека е подготвен да преземе одговорност.
– Што да ви кажам, разговараме година и пол за ова. Истото ни се случи против Словенија, Црна Гора. Премногу сме импресионирани кога играме на домашен терен и играме подобро на гости. Во првиот дел, изгледаше како да не сме работеле ништо во овој изминат период. Второто полувреме беше сосема поразлично, некои млади ракометарки покажаа дека можат многу повеќе.Се надевам дека во Унгарија ќе покажеме многу подобра игра и целосно издание во двете полувремиња. Два разлика не е голема негатива, Украинките не се како другите големи екипи од Европа и прават доста грешки, мислам дека имаа девет технички грешки во вториот дел. Со овие играчи, ако бидеме мотивирани, ќе одиме да изненадиме на неутрален терен, нема друго што да правиме. Загубивме дома, се надевавме на четири-пет разлика за нас, но во многу ситуации не ни помогнаа ниту судиите. Ни останува да се поправиме и да видиме на кое место сме. Мојот договор е до септември, ако не успеам да направам напредок, ќе поднесам одговорност, – изјави Савевски.