Македонската женска ракометна репрезентација се подготвува за двомечот со Црна Гора во рамките на ЕХФ Купот. Првата средба се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во четврток со почеток во 20:15 часот, а влезот ќе биде слободен.
„Задоволен од досегашниот тек на подготовките, нашите ракометарки кои настапуваат во странство се приклучија на репрезентацијата. Се гледа напредок кај сите, но сè уште е рано да се зборува за што и како ќе биде. Ова е нова репрезентација, се обидувам да направам склоп на искуство и младост. Девојките од домашната лига и не се во некоја завидна физичка подготвеност, направивме неколку тестови кои покажуваат дека општата состојба не е во најдобра ситуација. Се трудиме заедно со ракометната федерација, во наредниот период ќе правиме собири за да работиме и да правиме пресек и сериозни подготовки. Без тоа, не можеме да очекуваме голем успех“, изјави селекторото на женската ракометна репрезентација Љубомир Савевски.