Женската ракометна репрезентација на Македонија до 18 години го отвори Светското првенство (СП) на домашен терен со победа над Сенегал (32-13). Нашиот национален тим го искористи заморот на ривалот кој излезе на мегдан директно од авион.
По натпреварот, селекторот Љубомир Савевски кажа дека е задоволен од изданието, иако постоеле многу грешки. Потенцира дека секој старт е тежок.
„Секој старт на големите турнири е тежок, а девојките беа многу возбудени. Постоеја некои грешки, но, сепак, се работи за прв натпревар и ние ќе бидеме подобри. Среќен сум за победата. Во следниот меч имаме подобар противник, а во третата рунда го имаме Иран. Па, така, мора да бидеме подобри и подобри“, изјави Савевски.
Нашиот национален тим следниот натпревар го игра против Узбекистан, в недела од 20:30 часот.