Македонија го заврши настапот на Светското ракометно првенство за кадетки на 12-то место откако младите ракометарки загубија од Хрватска со 28-32, но оваа генерација покажа дека има силен потенцијал зашто малку недостигаше да се најдат меѓу осумте најдобри и селекторот Љубомир Савевски веќе најави дека шест ракометарки веќе во декември би можеле да бидат дел од Македонија на Европското сениорско првенство, кое ќе се одржува и во Скопје.
За подобар пласман од 12-то место, според Савевски пресуден бил поразот од Исланд во клучниот меч за пласман во четвртфиналето, по што исцрпеноста пред сѐ психолошка, довела до двата порази со Германија и Хрватска за актуелниот пласман.
„Овие девојки се мои борци, со резултатите во изминатава година направија голем успех, а претходно никаде нѐ немаше на картата. Во Литванија победивме против Полска, Исланд, Финска, селекции кои одат напред. Со Исланд немавме среќа, имавме напади за зрамнувања и оттука почна падот. Со Германија е нереална сликата зашто бевме потрошени, ракометарките после Исланд плачеа. Но, оваа селекција има ментален склоп кој е многу силен и ни требаат уште три-четири ракометарки во ротација за оваа генерација уште повеќе да напредува“, рече Савевски.
„Мене ме критикуваа дека давам шанса на млади ракометарки во сениорската селекција, а за мене нема млади и стари, само добри и лоши. Песимистичка е прогнозата дека четири од оваа генерација ќе играат на ЕП за сениорки, а оптимистичка е дека ќе имаме шест. Ние нема што да загубиме на тоа ЕП, а ќе се обидеме да направиме екипа за следните 10 до 15 години. Играта од второто полувреме денеска е тоа што ме задоволува, од минус 12 дојдовме на минус три имавме и напад за минус два. Ова е доказ дека можеме да одиме напред и да растеме со овие ракометарки“, додаде Савевски