Шпанија е новиот европски шампион во ракомет, откако во вечерашното финале „црвената фурија“ го надигра составот на Шведска со убедливи 29-23.
Извонредната одбрана во второто полувреме на чело со голманот Арпад Штербик беше клучен фактор во ова финале, шведските ракометари не успеаја да се адаптираат на шпанската зона „пет – еден“, па по очајните 30 минути игра заслужено претрпеа убедлив пораз.
За Шпанија ова е прво европско злато и комплетирање на колекцијата на трофеи на оваа ракометна селекција, која претрпе порази во претходните четири финалиња на ЕП, последниот пред две години во Краков од Германија.