Ракометарите на Данска и Хрватска го одиграа највозбудливиот, а можеби и најквалитетниот натпревар на Светското првенство во Шведска и Полска. Големите европски ривали понудија вистински спектакл, кој на крај заврши со поделба на бодовите (32:32). Во последната минута Данците имаа напад за победа и неочекувано направија техничка грешка, но Циндриќ од голема далечина не успеа да го казни тоа, па поделбата на бодовите е најреалниот исход од оваа средба.
-Ретко го коментирам судењето, но срамота на еден меч да се дадат десет топки на едната репрезентација, а ниту една на другата. Тоа беше катастрофа, ама не е прашање за нас, туку за тие кои треба да го следат и оценуваат судењето. Ние бевме одлични, дадовме сè од себе, можевме и да победиме, но, за жал, стигнавме само до реми. Мора да бидеме горди на играта против силен ривал како што е Данска, тоа е нешто што треба да ни послужи како уште поголема мотивација за наредните натпревари на овој шампионат, изјави средниот бек на хрватската репрезентација, Лука Циндриќ.
Питлик со девет и Хансен со осум гола беа најпрецизни во таборот на Данска, додека за Хрватска, Шипиќ запиша девет, Главаш осум, а Циндриќ пет погодоци. Со ова реми Данска речиси сигурно е во полуфиналето, додека Хрватска само чудо може да ја одведе меѓу најдобрите четири на турнирот.
Србија немаше сили за изненадување и загубија од Норвешка со 31:28. Избраниците на Тони Џерона одиграа храбро, долго водеа и се држеа во натпреварот, меѓутоа квалитетот на крајот пресуди за скандинавско славење.
Германија отвори според планот во главната фаза и со 39:19 ја декласира Аргентина, а Холандија забележа тешка победа над Катар (30:32).
фото: EPA-EFE/Johan Nilsson