На игралиштето кај женска плажа кое го носи името „Горан Попоски Бабец“, од 16 до 20 август во Струга ќе се одржи 50. јубилеен Меѓународен ракометен турнир.
Главен покровител на турнирот е Агенцијата за млади и спорт.
– Овој турнир за нас има огромно значење и е од најстариот турнир во Европа. Се надевам дека од следната година ќе биде под покровителство на претседателот на државата, како што е и Охридскиот маратон. Очекувам добар ракомет. Ова е мотив плус за нашата нација и нашата држава Македонија која го сака ракометот. Нашите очи ќе бидат вперени таму, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.
На турнирот ќе учествуваат осум екипи, три од странство.
– Ретко кој спорт може да се пофали со ваков јубилеј. На 50. издание ќе учествуваат Вардар, Еурофарм Пелистер, Бутел, Целје, АЕК Атина, Татран Прешов, Алкалоид и домаќинот Струга. Сите екипи имаат многу домашни и титули на еворпската сцена, претседателот на РК Струга, Кире Јованоски.
Поддршка за турнирот искажа и генералниот секретар на Ракометната федерација на Македонија, Филип Милошевски.
– Честитки за организаторот за јубилејот. РФМ низ сите изминати години дава максимална поддршка на оваа манифестација. Струшкиот ракометен турнир е голем афирмативен проект за нашата држава, рече Милошевски.
Бранител на трофејот од мината година е тимот на Вардар.