На покана на интернационалното училиште Нова, денес предавање на учениците од осмо одделение им одржа тренерот на РК Вардар, Роберто Гарсија Парондо.
Вардаровиот тренер беше магнет за осмооддленците, кои исто така имаа и доста прашања. Тема на предавањето беше „Одговорноста” и како истата е дел од ракометната игра. Како се избира играч, зошто токму тој, како се размислува и колку брзо треба да се донесе клучна одлука во важен момент од играта.
До 17 години Парондо свирел на гитара, кога добил покана од Ваљадолид. Бил на раскрсница дали да остане дома и да продолжи така или да превземе одговорност и донесе одлука. Потоа продолжил со играње, но постојано се надградувал и на 23 години почнал да размилсува: Што понатаму, дали постојано ќе бидат играч?
Така почнува едукацијата и учењето да се биде тренер, да се навлезе подлабоко во самото разбирање на играта и на тактиката. Пред неколку години повторно бил пред нова одлука. Како играч во Унгарија, дали да биде уште неколку години на теренот или да ја прифати понудата на Вардар да дојде и да биде тренер на женската екипа.
Учениците со голем интерес го сослушаа она што Парондо имаше да им го каже, за одговорноста, за одлуките што треба да се превземат, не само на теренот туку и во животот, а сѐ со цел да се исполни некоја желба, некој сон. Па и како се реагира кога ќе се загуби натпревар или ќе се победи. Како се зборува на тајм аут, на македонски или англиски? И што кога ќе се згреши во изборот на играч на теренот.