Машкиот ракометен шампион Вардар го победи Металург во Автокоманда со 31-27 во меч од ракометната Супер лига.
Металург ги одигра, веројатно, најдобрите 30 минути оваа сезона во плејофот, имаше тенко водство, но во 27. минута се одлепи на 14-11. Сепак, искусно и присебно, Вардар се врати, а со пенал во последните секунди изедначи на 15-15 на паузата.
На почетокот на вториот дел продолжи силно и поведе со 17-15, што значеше серија од 6-1, ако се смета од таа 27. минута. Во продолжение вардарци го негуваа водството, функционираше добро нивната одбрана 5-1, па растеше и водството. Во 52. минута достигна 29-24 и стануваше јасно дека неизвесноста заврши за овој натпревар. Вардар победи со 31-27.
Најефикасни на овој меч беа двете крила на хрватската репрезентација, Иван Чупиќ од Вардар и Златко Хорват од Металург кои постигнгаа по седум гола. Тимур Дибиров додаде шест гола, а Мартин Серафимов и Василие Калуѓеровиќ постигнаа по пет.