За разлика од минатата сезона кога вториот тим на Пелистер го изненади Вардар во Битола, овојпат црвено-црните славеа сигурна победа со 25-18.
Вардар ја имаше научено лекцијата, па тргна сериозно уште од самиот старт на натпреварот. По првите 30 минута Вардарци имаа предност од пет голови разлика, водеа со 12-7.
Во продолжението од натпреварот само го одржуваа водството не дозволувајќи Битолчани да се приближат. На крајот конечниот резултат гласеше 25-18 за Вардар.
Дејан Манасков со 13 голови беше убедливо најдобриот на теренот, Јагуриновски постигна четири погодоци, Талески три. Во домашниот тим, Павле Петровиќ даде осум голови, втор стрелец беше Мартин Ивановски со четири.
Во следното коло во Скопје се игра големото дерби меѓу Вардар и првиот тим на Пелистер, првиот од двата натпревари кои ќе решаваат за титулата во македонскиот ракометен шампионат.