Поранешниот ракометар на Кил и Барселона, средниот бек Ваел Жалуз поради здравствени проблеми одлучи да стави точка на својата ракометна кариера.
Некогашниот туниски репрезентативец, кој ги имаше најдобри партии во кариерата против Вардар како член на каталонскиот гигант, во последно време се соочуваше со големи здравствени проблеми.
Имаше сериозна инфекција на очите и покрај неколку третмани во Париз, тој загуби дел од видот на едното око и мораше да паузира одреден временски период.
Во текот на ланската сезона му се врати на ракометот, потпиша за Хамамет, потоа се пресели во Есперанса Тунис, но здравствените проблеми и повредите беа причина конечно да ја заврши својата кариера, која беше проследена со подеми и падови.
Искусниот ракометар четири пати ја освои Асобал лигата и Купот на Шпанија со Барселона. Со Каталонците ја освои и Лигата на шампионите во 2015 година. Жалуз за репрезентацијата на Тунис одигра 122 меѓународни натпревари.