Палестинскиот претседател Махмуд Абас синоќа распиша парламентарни избори на 22 мај, први од 2006 година, кога исламистичкиот Хамас го победи умерениот Фатах.
Абас соопшти и дека претседателските избори се закажани на 31 јули, што ќе бидат први од 2005 година, кога тој беше избран на четири години.
Хамас ја поздрави одлуката за изборите.
И Фатах и Хамас изминатите години се соочија со протести бидејќи не успеаја да се помират и да обезбедат основни услови за живот во териториите каде владеат. И Хамас и Фатах се залагаа за избори повеќе од една деценија, но не можеа да ги надминат несогласувањата и да се договорат за начинот на гласање.
И покрај тоа што изборите се распишани, неизвесно е дали навистина ќе се одржат.
Изборите исто така можат да ги искомплицираат плановите на новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден за реанимација на мировниот процес помеѓу Палестинците и Израел.
На изборите во 2006 година победи Хамас. Судирите помеѓу Фатах и Хамас траеја една година и завршија во 2007 година кога Хамас ја презеде контролата на Појасот Газа. Хамас се уште ја има контролата над Појасот Газа и покрај блокадата од Израел и Египет. Додека Фатах го контролира Западен Брег во договор со Израел.
Според анкетите од декември, Фатах би можел да освои 38 проценти од гласовите, а Хамас четири отсто помалку, додека на претседателските избори би изгубил 85-годишниот Абас од лидерот на Хамас, Исмаил Ханија.