Најновиот декрет на владетелот на Абу Даби им дозволува на немуслиманите да го регулираат својот брачен статус поинаку од претходно, а од денеска ќе можат да се венчаат, да се разведуваат и да имаат заедничко старателство над децата според одредбите на граѓанскиот закон, објави државната новинска агенција.
Тоа е еден од последните потези на Обединетите Арапски Емирати, земја во која брачниот статус е регулиран според строгите шеријатски принципи, за одржување на конкурентноста како регионален трговски центар.
Според декретот на владетелот на Абу Даби, шеикот Калифа Зајед ал Нахаџан, кој е и претседател на федерацијата на седум емирати на ОАЕ, новиот закон опфаќа граѓански брак, развод, алиментација, заедничко старателство над децата, доказ за татковство и наследство.
Целта на законот е „да се зајакне позицијата и глобалната конкурентност на Емиратите како една од најатрактивните дестинации за таленти и луѓе со вештини“.
Граѓанскиот закон за немуслиманите е прв од ваков вид во светот што е „согласно најдобрата меѓународна практика“.
Во Абу Даби ќе се формира нов суд кој ќе се занимава со немуслимански семејни прашања, а сите прашања ќе се решаваат на арапски и англиски јазик.
Обединетите Арапски Емирати воведоа голем број законски измени на федерално ниво минатата година, вклучително и декриминализација на предбрачниот сексуален однос и консумирање алкохол, а исто така беше укинато одредбата за благи казни во случаите „убиства од чест“.
Таа земја од Персискиот Залив се обидува да привлече странски инвестиции преку законски измени и да се направи себеси попожелна за долгорочен престој. (МИА)