Командата на САД во Африка (АФРИКОМ) ја обвини паравоената единица „Вагнер“, спонзорирана од руската Влада, дека поставува мини и други експлозивни направи околу Триполи.
АФРИКОМ истакна дека има докази односно фотографии на кои се гледа како групата „Вагнер“ од средината на јуни поставува мини околу Триполи и Сирт.
– Групата „Вагнер“ спонзорирана од руската држава, покажува целосно непочитување на безбедноста и сигурноста на Либијците. Таквата неодоговрна тактика ќе го пролонгира конфликтот. Групата е одговорна за страдањето и за смртта на цивилите, се наведува во соопштението на АФРИКОМ.
Судирите во Либија почнаа во 2011 година, кога во граѓанската војна беше соборен долгогодишниот лидер Моамер Гадафи, кој подоцна беше убиен. Оттогаш две ривалски групи се борат за превласт.
Силите на генерал Калифа Хафтар во април 2019 година покренаа офанзива за заземање на Триполи, но меѓународно признатата Влада возврати.
Меѓународно признаената Влада на премиерот Фајез ал Сараџ, со седиште во Триполи контролира помал дел од територијата, додека седиштето на Хафтар е во Тобрук и тој контролира поголем дел од земјата, а има контрола и врз нафтените полиња.
Русија, првенствено прегу „Вагнер“, Обединети Арапски емират и Египет го поддржуваат генералот Хафтар, додека Турција ја поддржува меѓународно признаената Влада во Триполи. (МИА)