Морнарицата на Гибралтар покрена голема операција за спречување на излевање гориво во морето откако товарен брод се судри со друг брод што превезувал течен гас, соопштија денеска властите на британската прекуморска територија.
Од бродот „OS-35″ што се наоѓа во близина на брегот на Гибралтар во најјужниот дел на Пиринејскиот полуостров почнало да истекува гориво, откако во понеделникот вечерта се судри со друг брод што превезувал течен природен гас. Екипажот составен од 24 члена е евакуиран. Според гибралтарските власти, трупот на товарниот брод напукнал, но се уште пловилото е во еден дел.
Капетанијата на пристаништа на Гибралтар соопшти дека нафтата што се излеала од бродот се собира во пловечката ограда поставена да спречи еколошка катастрофа.
Инаку, самиот брод не служи за транспорт на горива, туку горивото на пловилото е исклучиво за придвижување на бродските мотори.
Судирот со бродот што превезувал течен гас се случил кога „ОС-35“ се обидел со манвеар да го напушти Гибралтарскиот залив. Непосредно по инцидентот привремено бил прекинат целиот морски сообраќај во пристаништето.
Владата во Гибралтар соопшти дека подготвува операција за да се источи горивото од загрозениот брод што е можно поскоро, но на најсоодветен и најмалку ризичен начин.