Јапонскиот цар Акихито, во првата од низата церемонии после кои на полноќ официјално ќе абдицира, изрази желба новата ера на неговиот син, идниот цар Нарухито, да им донесе „мир и среќа на луѓето во Јапонија и ширум светот“.
Акихито во последното обраќање кон народот, предавајќи му го Престолот на хризантемата на престолонаследникот Нарухито, изјави дека сака новата ера да биде стабилна и плодна, и оти „со целото срце се моли за мир и среќа за сите луѓе во Јапонија и ширум светот“.
На свеченоста во палатата, Акихито му се заблагодари на својот народ на поддршката за време на неговото 30-годишно владеење.
Тој додаде дека имал среќа што можел да ги исполни своите должности со целосна доверба и верба во својот народ.
Акихито официјално ќе биде цар до полноќ по локално време кога ќе почне новото доба, во Јапонија наречено Реива, што во превод значи „убава хармонија“.
Тој е првиот цар кој дојде на позицијата под новите Уставни прописи според кои царот нема никаква политичка моќ. Царот на Јапонија за време на Втората светска војна, Хирохито, имаше божествен статус, од кој се откажа по капитулацијата на Јапонија.
Акихито во 2016 година изјави дека му е страв оти поради староста нема да може во целост да ги извршува своите должности.
Тој денеска го завршува своето триесетгодишно владеење и е прв цар кој ќе абдицира во последните 200 години.