Амазон го надмина Мајкрософт на листата највредни компании во САД со чии акции јавно се тргува, откако превирањата на берзите доведоа до промена на листата американски корпорации.
Промената на врвот се случи откако акциите на Амазон пораснаа за три отсто и ја кренаа пазарната вредност на гигантот на Интернет трговијата на 797 милијарди долари. Акциите на Мајкрософт се зголемени за помалку од еден отсто, со што пазарната вредност на произведувачот на софтвер изнесува 784 милијарди долари. Со тоа Амазон првпат е највредна американска компанија со акции на берзата, а и ставен е крај на кусото враќање на Мајкрософт на врвот, откако во ноември го надмина Епл.
Превирањата се предизвикани од загриженоста дека трговската војна на администрацијата на Доналд Трамп со Кина и подигнувањето на референтните камати ќе ја забави светската економија. Ако се случи тоа, веројатно ќе забави и растот на компаниите од технолошкиот сектор и другите гранки на индустријата, кои голем дел од приходите ги добиваат надвор од САД.
МИА