Американски воен авион се урна денеска во северна Австралија за време на заеднички воени вежби меѓу двете земји. Повредени се 23 американски маринци, од кои еден е во критична состојба, јавија светските агенции, повикувајќи се на австралиските власти.
Телевизијата „Скај њуз Австралија“ објави дека авионот Ви-22 Оспреј“ (V-22 Osprey) со околу 20 американски маринци се урнал северно од Дарвин, главниот град на регионот Северна Територија.
Несреќата се случила на островот Мелвил, дел од архипелагот Тиви, а австралиското Министерство за одбрана прецизираше дека во авионот имало само американски воен персонал.
Првично беше соопштено дека нема жртви.
Австралиската полиција подоцна објави дека во инцидентот биле повредени 23 американски маринци. Пет од нив со хеликоптер се префрлени во болница. Еден од хоспитализираните е во критична состојба.
Засега не е утврдена причината за авионската несреќа, која австралискиот премиер Ентони Албанезе ја нарече трагичен инцидент.