Американската Амбасада во Русија денеска соопшти дека амбасадорот Џон Саливан се вратил во Москва по двомесечно отсуство.
-Денеска се вратив во Москва, напиша Саливан на Твитер, додавајќи дека е подготвен да работи со руските колеги за постигнување „стабилни и предвидливи билатерални односи“.
Неговото враќање во Москва доаѓа неколку дена откако рускиот амбасадор Анатолиј Антонов се врати во Вашингтон.
Враќањето на амбасадорот е дел од договорот меѓу претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Џозеф Бајден, на самитот што се одржа на 16 јуни во Женева.
Дипломатските односи меѓу Москва и Вашингтон се влошија набрзо откако Бајден дојде на власт во јануари. Американските власти ја обвинија Русија за хакерски напади и мешање во изборите во САД.
Руските власти во март го повикаа својот амбасадор во САД на консултации, откако Бајден го спореди Путин со „убиец“.