Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека жените кои протестираат поради спорниот кандидат за Врховен суд, Брет Кавано, се професионалки кои се платени од Џорџ Сорос и други.
– Многу непристојните врескачки во лифт се платени професионалки, кои само сакаат сенаторите да изгледаат лошо, напиша Трамп на Твитер.
По минатонеделното сведочење во Сенатот на Кавано и на Кристин Блази Форд, која го обвини дека сексуално била нападната во 80-тите години, две жени му пришле на сенаторот Џеф Флејк наведувајќи дека се жртви на сексуално насилство и барале од него да не го поддржи кандидатот на Трамп за Врховниот суд.
– Не паѓајте на тоа! Исто така, погледнете ги сите професионално направени идентични знаци. Платени се од Сорос и од други. Тоа не се знаци направени од љубов во подрум, додаде Трамп.
Сенатот денеска треба да ја почне процедурата за гласањето за Кавано. Флејк, како и две умерени сенаторки Сузан Колинс и Лиза Мукаровски најверојатно се уште немаат одлучено како ќе гласаат. (МИА)