Учесниците на Самитот на Г-20 во Рим успеаја да се договорат да го ограничат глобалното затоплување за не повеќе од 1,5 степени Целзиусови, јави АНСА, повикувајќи се на дипломатски извори.
Се појаснува дека во нацрт-завршната декларација како краен рок за запирање на порастот на температурата стои „средината на векот“.
На овој начин, земјите од Г-20 успеаја да воспостават построга граница на глобалното затоплување отколку во Парискиот климатски договор од 2015 година, каде температурата од 1,5 степени е ставена во посакуван контекст. Парискиот договор постави цел за намалување на емисиите на стакленички гасови, спречување на глобалната просечна температура да се зголеми за повеќе од 2 степени во однос на прединдустриското ниво до 2100 година и преземање мерки за одржување на затоплувањето во рамки на 1,5 степени.
Во однос на нулта емисии, за кои се поставени различни рокови за поединечни земји – од 2030 (ЕУ) до 2060 година (Кина), земена е предвид „разликата во позициите“ на земјите како Кина, Индија и Индонезија, навел изворот на АНСА.