Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, е номиниран за наградата „Сахаров“, која е признание што Европската унија го доделува на поединци и групи кои го посветиле својот живот во одбрана на човековите права и слободата на мислата.
Покрај него номинирани се и украинскиот претседател Володимир Зеленски и Комисијата за вистина од Колумбија.
Номинациите мора да соберат потписи од најмалку 40 европратеници.
Сопругата на Асанж, Стела, која зборуваше од Брисел каде беа објавени номинациите, за ДПА изјави дека номинацијата на Џулијан е потврда за тоа колку „групите за човекови права ширум светот го поддржуваат Асанж и ја почитуваат неговата работа“.
Хина пренесува дека наградата „Сахаров“ првпат беше доделена во 1988 година и тогаш ја доби борецот против апартхејдот Нелсон Мандела и постхумно на советскиот дисидент Анатолиј Марченко. Минатата година наградата му беше доделена на рускиот активист Алексеј Навални.
Наградата е востановена во чест на советскиот физичар и политички дисидент Андреј Сахаров.
Во 2019 година, од еквадорската Амбасада, во која мина неколку години заштитен од прогонот на американските власти, основачот на Викиликс беше пренесен во затворот „Белмарш“, во близина на Лондон.
Асанж (51) водеше долга правна битка за да избегне екстрадиција во САД, кои уште од 2010 година сакаат да му судат заради објавувањето на повеќе од 700.000 доверливи документи на веб-страницата Викиликс, што се однесуваа на активностите на американската војска, особено во Ирак и Авганистан.