По речиси двегодипно војување, етиопската Влада и Народноослободителниот фронт на Тигреј (ТПЛФ) се согласија на итен прекин на огнот, јави ДПА.
Посредникот на Африканската унија (АУ), поранешниот нигериски претседател Олусегун Обасањо, денеска јави за пробивот во преговорите во Јужна Африка, по една недела од нивниот формален почеток.
Договорот беше потпишан пред камери во јужноафриканската престолнина Преторија.
Етиопската централна влада од ноември 2020 година е вклучена во тешките борби со бунтовничката ТПЛФ. Борбите повторно се разгореа во август, но набрзо двете завојувани страни се согласија на мировни преговори со посредство на Африканската унија, пренесе ДПА.
Во конфликтот, што од Тиграј се прелеа во соседните региони Амхара и Афар, убини се илјадници, а протерани милиони лица од нивните домови, додека стотици илјади се оставени на работ на глад.
Според Светската здравствена организација (СЗО), над пет милиони лица во Тиграј сега се зависни од хуманитарна помош.