Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин бил на листата патници во авион кој се урна во Русија, јави Би-Би-Си. Во падот на авионот загинале 10 лица.
Би-Би-Си јавува дека се верува дека Пригожин се качил во авионот.
Приватен авион Embraer Legacy со десет лица се урна во регионот на рускиот град Твер, соопшти Министерството за вонредни ситуации на Русија.
„Во авионот имало десет лица, меѓу кои и тројца членови на екипажот. Според првичните информации, сите загинале“, нагласија од Министерството.
Се прецизира дека авионот летал од Москва за Санкт Петербург. Несреќата се случила во близина на селото Куженкино. Спасувачите излегле на терен и ја започнале потрагата.
Во јуни Вагнер и неговите платеници организираа бунт во Русија кој по неколку дена беше прекинат.
По бунтот шефот на ЦИА изјави дека рускиот претседател Владимир Путин се обидува да купи време додека да смисли како најдобро да се справи со Пригожин.
– Путин е некој кој мисли дека одмаздата е јадење кое најдобро се служи ладно. Според моето искуство, Путин е врвниот апостол на одмаздата, па би бил изненаден доколку Пригожин избегне понатамошна одмазда, рече Барнс.
Претходно американскиот претседател Џо Бајден посочи дека постои ризик шефот на Вагнер да биде отруен.
-Да бев на негово место, ќе внимавав што јадам. Ќе внимавав на моето мени, коментираше Бајден.