Научниците од Универзитетот Рутгерс во американската сојузна држава Њу Џерси спроведоа истражувања коишто покажаа дека Австралија и Аргентина, во случај на хипотетичка нуклеарна војна и апокалипса, најдобро би се справиле со нејзините последици.
Списанието „Нејчр фуд“ (Nature Food) објави сценарио за судир каде што би се користело нуклеарно оружје… Според научниците, атомските бомби фрлени врз град и индустриски центри, ќе предизвикаат пожари, а атмосферата ќе биде загадена и поради честички од огнот. Последици на сѐ тоа ќе бидат климатски промени и намалување на залихите на храна на копното и во океаните.
„Доколку повеќе од 150 тераграми (150 милијарди килограми) чад се испушти во атмосферата, употребата на жито ќе се намали за околу 90 насто во рок од три до четири години по апокалипсата“, предвидуваат експертите.
Мапите објавени од научниците покажуваат дека Австралија и Аргентина ќе може да одржуваат оптимален внес на храна и килокалории по глава на жител на ден, дури и со најголема количина на загадувања со чад и штетни гасови во атмосферата.
Стручњаците ги пресметале и последиците од хипотетички воени судири меѓу конкретни земји. Така на пр., во случај на војна меѓу Русија и САД, повеќе од пет милијарди луѓе би можеле да загинат, додека планетата би се соочила со тн. „нуклеарна зима“.
Во написот се наведува дека и Нов Зеланд ќе биде меѓу најмалку погодените. Сепак, според научниците, доколку навистина се случи вакво сценарио, овие области ќе се соочат со наплив на бегалци од Азија и други земји кои ќе страдаат од недостиг на храна.