петок, 2. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Австралиски медиуми на суд поради известување за случајот на кардиналот Пел

Австралиски медиуми на суд поради известување за случајот на кардиналот Пел

Истакнати австралиски новинари и медиумски организации денеска ќе се појават пред суд поради објавување делови од обвинението против кардиналот Џорџ Пел во 2018 година.

Во декември 2018 година, поротата го осуди Пел за сексуално злоставување на две момчиња во катедрала во Мелбурн во 1996 година. Австралискиот висок суд во април годинава едногласно ја поништи пресудата.

Вкупно 12 медиуми и 18 новинари се обвинети за непочитување на судот и кршење на наредбата за забрана за објавување на информации од судењето, а доколку бидат прогласени за виновни, се соочуваат со парична казна и можни затворски казни.

На медиумите им беше забрането да известуваат за судењето и пресудата поради одлука на судија од 2018 година која е изречена со цел пресудата да не влијае врз друго судење, кое подоцна беше отфрлено.

Дел од австралиските медиуми, сепак, пишуваа за случајот под наслови како „Приказна за која не смееме да известуваме“, наведувајќи дека е осуден високопозициониран Австралиец.

Другите медиуми се обвинети за помагање на меѓународни медиуми кои пишуваа за пресудата на Пел.

Сите обвинети, вклучувајќи ги и Сиднеј Морнинг Хералд, Аустралиан Фајненшл Ривју и радиостаниците од 2 ГБ и Канал девет, се изјаснија за невини.

Судскиот процес во Врховниот суд во сојузната држава Викторија се одржува преку видео врска, и би требало да трае од 10 до 15 дена.

Кардиналот Пел е поранешен советник на папата Франциск. Тој беше ослободен 404 дена откако беше осуден на шест години затвор. Оттогаш живее во манастир во Сиднеј.