четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Австрија предлага европските граничари да дејствуваат и надвор од ЕУ

Австрија предлага европските граничари да дејствуваат и надвор од ЕУ

Австрија ја поддржува можноста европските граничари да имаат мандат да дејствуваат и надвор од територијата на ЕУ, изјави денеска австрискиот канцелар Себастијан Курц, чија земја е актуелен претседавач со Унијата.

– Го започнавме процесот на преиспитување на досегашната мигрантска политика. Наскоро треба да бидат предложени нови решенија, изјави Курц.

Тој нагласи дека во зависност од мерките за миграцијата што ќе ги воведе Германија долж австриската граница, Виена ќе преземе соодветни мерки.

Попладнево во Виена се очекува да допатува германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, кој на австриските власти ќе им ги претстави новите мерки за справување со миграцијата на Владата во Берлин.

– Со години слушаме приказни за миграцијата. Потребна ни е заедничка цел. До сега споревме околу прераспределувањето (на мигрантите), а сега првпат се обединивме околу прашањето за контрола на надворешните граници и тоа е позитивен развој на настаните, изјави Курц.

Тој нагласи дека европските граничари треба да добијат мандат да дејствуваат и надвор од ЕУ, додавајќи дека Австрија ја поддржува идејата за создавање на патишта за легална миграција во ЕУ.

– Отсекогаш сме биле скептинчи кон прераспределувањето на мигрантите според квоти. Треба да продолжиме да работиме во правец на промена на Даблинските правила. Се соочив со многу критики кога пред две години предложив формирање на мигрантски центри надвор од ЕУ, изјави австрискиот канцелар.

МИА