Во едночасовното интервју на јавната австриска телевизија (ОРФ), австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер уште еднаш го искажа својот цврст став против проширувањето на Шенген зоната.
– Неделава ме прашаа дали Шенген е мртов, реков – не е мртов, Шенген воопшто не функционира. Што сакам да кажам: никогаш не сме имале толку гранични контроли откако постои овој слободен простор како сега: Австрија кон Унгарија, Словенија, Словачка и Чешка, зошто? Затоа што Германија ги контролира границите со Австрија, Полска и Чешка, Чешка – со Словачка, Словенија – со Хрватска и мислам дека е длабоко погрешно во таква ситуација да се разговара за отстранување на контролите на друго место, во момент кога има толку многу внатрешни гранични контроли како никогаш досега на овој простор, изјави Карнер, пренесува БТА.
На новинарскиот аргумент за мислењето на многумина дека овој проблем може да се реши на паневропско ниво и дека Бугарија и Романија во целост ги исполниле условите за влез во Шенген, како и дека ставот за наметнување вето е остро критикуван од Европскиот парламент, од претседателот на Европската комисија и претседателот на Австрија, Карнер рече: Како министер за внатрешни работи, моја работа е да ја издржам оваа критика. Јас сум одговорен за безбедноста во оваа земја, факт е и дека ја видов оградата долж границата меѓу Бугарија и Турција. Бев со сојузниот канцелар на самото место и јасно е дека има уште многу работа да се заврши. Разговаравме (во текот на интервјуто) за прашањето за ефективен пакт за бегалците и миграцијата, но за таа цел неопходен услов е да има ефикасна заштита долж надворешната граница и додека таа не биде ефективна, нема поента, поточно не можам да размислувам за намалување на заштитата на границите.