Министерството за надворешни работи на Азербејџан соопшти дека дало предлог, закажаните разговори со Ерменија да се одржат месецов наместо во ноември, со цел да се решат тензиите на нивната граница.
Министрите за надворешни работи на Азербејџан и Ерменија имаа средба во текот на вчерашниот ден во Женева, јавија дел од британските медиуми.
„За време на состанокот, Азербејџан предложи следната средба на билатералната комисија за разграничување да се одржи во октомври, а не во ноември, како што беше договорено претходно, земајќи ги предвид тензиите на границата“, се наведува во соопштението на Министерството.
Во борбите од 12 до 14 септември, за што страните се обвинија меѓусебно, загинаа над 170 војници.
Станува збор за најсмртоносниот конфликт од шестнеделната војна во 2020 година, кога покрај илјадници жртви, Азербејџан постигна значителни територијални придобивки во и околу Нагорно – Карабах.