Американскиот претседател Џозеф Бајден на 15 јули во Вашингтон ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел, со која ќе разговара за кибер нападите врз американски компании и за гасоводот „Северен поток 2“ што се гради од Русија до Германија, соопшти Белата куќа.
Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки прецизираше дека Бајден и Меркел ќе разговараат за „рансомвер“ нападите врз компании во САД, со кои се ограничува пристапот до компјутерски систем или сочуваните податоци и се бара откуп од жртвите на нападите.
Таа додаде дека Бајден сè уште гледа на Северен поток 2 како на „лоша работа“.
Псаки одби да каже дали ќе биде постигнат договор за американските тарифи за германската компанија „Северен поток 2 АГ“ и нејзиниот извршен директор, кои беа привремено суспендирани.
Ова ќе биде прва посета на Меркел на Вашингтон откако Бајден стапи на функцијата во јануари годинава.