недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Баку понуди да ги предаде на Ерменија телата на сто загинати ерменски војници

Баку понуди да ги предаде на Ерменија телата на сто загинати ерменски војници

Азербејџан денеска на Ерменија и понуди да ги предаде телата на сто ерменски војници убиени во престрелките изминатите денови.

„Азербејџан ја повикува Ерменија на прекин на огнот и е подготвен еднострано да ги предаде телата на сто ерменски војници“, се наведува во соопштението на азербејџанската Државна комисија за воени заробеници.

Последните податоци на ерменските власти покажуваат дека во експлозиите од вторникот вечерта загинале 105 припадници на армијата.

„Според последните податоци, досега е потврдена смртта на 105 припадници на ерменските вооружени сили“, изјави премиерот Никол Пашинјан пред Парламентот.

Претходно беше соопштено дека загинале 49 војници на ерменската армија.

Во меѓувреме, германската Влада денеска ги повика Ерменија и Азербејџан да го прекинат конфликтот што ја загрозува безбедноста на целиот регион.

„Ги повикуваме Азербејџан и Ерменија веднаш да ги прекинат сите дејствија што можат да ја загрозат безбедноста меѓу двете страни, како и во регионот, и да го продолжат дијалогот по секоја цена“, рече портпаролот на Германското Министерство за надворешни работи на редовна прес-конференција. Тој истакна дека Германија го поддржува предлогот на Европската унија за посредување.

„Германската Влада е длабоко вознемирена од извештаите за судири долж ерменско-азербејџанската граница, насочени главно кон цивилна инфраструктура и станбени згради“, додаде портпаролот. (МИА)