Германија во средата го критикуваше „раскинувањето на договорот“ откако рускиот претседател Владимир Путин рече дека Москва повеќе нема да прифаќа плаќања во долари и евра за испорака на гас за Европската унија.
Таквото барање „значи раскинување на договорот“, изјави министерот за економија Роберт Хабек на прес-конференција во Берлин.
„Сега ќе разговараме со нашите европски партнери како ќе одговориме на ова барање“, додаде тој.
Владимир Путин во средата рече дека Русија повеќе нема да прифаќа плаќања во долари и евра за испорака на гас за ЕУ, давајќи им на руските власти една недела да изготват нов систем во рубљи. Рускиот претседател објасни дека тоа е одговор на замрзнувањето на рускиот имот на Запад поради офанзивата во Украина.
Германија е екстремно зависна од рускиот гас, кој сочинува 55 отсто од нејзиниот увоз на гас. Наспроти руската инвазија на Украина, рускиот гас се уште пристигнува во ЕУ. Берлин, сепак сака брзо да ја намали зависноста од рускиот гас, барајќи негови алтернативи. (МИА)