Белгискиот премиер Александар Де Кро додека се возел со својот син, паднал од велосипедот и накратко изгубил свест. Тој бил пренесен во болница, но тестовите покажале дека падот немал значителни последици. Падот се случил вчера додека 47-годишниот премиер се возел во близина на својот дом во регионот на Фландрија, јавува новинската агенција Белга.
Денеска Де Кро на социјалните мрежи објави видео од својот дом во кое му се заблагодарува на медицинскиот персонал кој се грижел за него.
„За среќа, носев кацига и син ми повика брза помош. Спортот е добар за здравјето. Но понекогаш треба да се биде малку внимателен”, рекол тој.
Дополнително, тој им се заблагодари на сите што му испратија пораки со кои му посакуваат брзо закрепнување. Не се очекува несреќата да влијае на работниот распоред на премиерот за следната недела.