Стив Бенон, поранешниот стратег на американскиот претседател Донаклд Трамп, кој е најзаслужен за неговата победа на претседателските избори, тврди дека Балканот во новото геостратешко опкружување би можел да добие многу поважно место на светската сцена.
– Европа е многу важна за претседателот Трамп и очигледно многу важна за САД, бидејќи вие сте мајка-цивилизација од која настана новиот свет, посочи Бенон во интервју за Радио телевизија Република Српска (РТРС).
Тој додаде дека Балканот ќе стане важно место на светската сцена, каде во новото геостратешко опкружување, Кина, Иран и Турција формираат некој вид сојуз.
Бенон посочи и дека смета оти Студената војна не е завршена.
– Мислам дека е многу важно тоа што се случи во Хелсинки, тоа е позитивно. Понудата на Путин да го посети Вашингтон исто така е позитивна, по што Путин го покани претседателот Трамп во Русија. Мислам дека на таков начин треба да се комуницира. Либералите во нашата земја и прогресивните луѓе секогаш сакаат да разговараат. Од тоа произлезе Дејтонскиот мировен договор, наведе Бенон.
Тој во интервјуто за РТРС се осврна и на Џорџ Сорос, оценувајќи оти тој е „татко на целото зло“, кој со американски пари се обидува да го смени изгледот на Европа.
– Формира невладини организации кои се поврзани со левичарските медиуми со цел да бидат опозиција на популистичките и националистичките партии ширум Европа. Мислам дека Џорџ Сорос шири многу негативно влијание во светот, Мислам дека направи многу за да и наштети на Европа и оти целата работа со мигрантите, отворените граници, што навистина им наштети на некои земји доведе до реакција во Унгарија, во Австрија и во Италија. Сето тоа доаѓа од иницијативата што ја покрена Сорос, посочи Бенон.
МИА