Германската Влада ја обвини Русија за „игри за моќ“ бидејќи протокот на гас на рускиот државен Газпром преку гасоводот „Северен тек“ денеска беше намален на 20 отсто, загрозувајќи го процесот на полнење за зимата.
Испораките на гас преку Северен тек во Европа денеска паднаа на речиси 20 отсто од капацитетот на гасоводот, покажуваат податоците на германскиот оператор „Гаскаде“.
– Тоа е игра на моќ, изјави портпаролот на германската влада на прес-конференција во Берлин.
Податоците на веб-страницата на „Nord Stream AG“ покажаа дека ситуацијата е речиси преполовена од 8 часот по средноевропско време на 14.423.764 киловат часови (kWh/h) од 8 до 9 часот наутро, од претходните нивоа над 27.000.000 kWh/h.
Рускиот гасен гигант Газпром, кој е под државна контрола, во понеделникот објави дека ја запира втората гасна турбина на Северен тек 1 на гасоводот кон Германија кој веќе работи само со 40 отсто капацитет, и оти поради тоа протокот на гас ќе се намали за половина.
Намалувањето на протокот е уште еден удар за испораките на гас за најголемата европска економија во време на зголемени тензии меѓу Русија и Западот, кои разменуваат економски удари како одговор на руските акции во Украина.
Со месеци Европската унија ја обвинува Русија дека уценува со енергија, а Кремљ тврди дека прекинот е предизвикан од одржувањето на гасоводот и последиците од западните санкции.
„Газпром“ очекува турбината да биде испорачана од Канада, каде што ја сервисираше „Сименс енерџи“.
Портпарол на Кремљ вчера рече дека „една од турбините испратени во Канада на ремонт сè уште не е пристигната, таа е на пат и се надеваме дека ќе пристигне наскоро“, а друга турбина се соочува со тешкотии.
– Ситуацијата е сериозно комплицирана од ограничувањата и санкциите воведени против нашата земја, рече Песков, велејќи дека Северен тек 1 би работел нормално без санкциите.
Германскиот министер за економија Роберт Хабек го нарече ставот на Кремљ „фарса“ и тврди дека руската Влада одамна ги донела одлуките за гасот.
Тој го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека „игра перфидна игра“.
Шефот на германската гасна и електрична мрежа, Клаус Милер, исто така ја обвини Москва дека ја користи енергијата како политичко средство, дури и како воено оружје.
Со нискиот проток на гас од Русија, расте загриженоста дека германската Влада ќе мора да ја намали потрошувачката во претстојната зима. Бидејќи гасот се користи за греење, потребите ќе се зголемат доколку зимата стане постудена.
Германските залихи вчера изнесуваа 66,4 отсто, а Владата сака да ги пополни до 75 отсто до 1 септември и 95 отсто на 1 ноември за да спречи недостиг за домаќинствата и индустријата.
Европските политичари постојано предупредуваат дека Русија би можела да ја прекине испораката на гас оваа зима, потег што може да ја турне Германија во рецесија и да предизвика поскапување на бензинот за потрошувачите, кои веќе се соочуваат со високи цени на енергијата и храната.