Најбогатиот човек на светот, Џеф Безос понуди да ги покрие трошоците на НАСА во износ од две милијарди долари, така што американската вселенска агенција да ја преиспита можноста со него да потпише договор за изградба на возило за слетување на Месечината.
НАСА во април тоа му го довери на Илон Маск и неговата компанија „Спејс-Икс“, и ја одби понудата на „Блу ориџин“ на Безос. Договорот предвидува изградба на систем за слетување кој би носел астронаути на површината на Месечината најрано во 2024 година. Иако се очекуваше дека двете компании ќе можат да учествуваат во проектот, Агенцијата, поради недостаток на средства, можеше да додели договор на само една.
НАСА доби само 850 милиони долари од 3,3 милијарди долари што ги побара од Конгресот на САД, за изградба на возило за на Месечината. Во писмото до администраторот на Агенцијата, Бил Нелсон, Безос вели дека „Блу ориџин“, бидејќи „програмата е вратена на прав пат“, ќе го надополни недостатокот во буџетското финансирање со откажување од сите плаќања во износ од две милијарди долари. (МИА)