Милионерот, инвеститор и филантроп Бил Гејтс со текот на времето стана еден вид „техногуру“ на новата технолошка реалност. Па така, соосновачот на „Мајкрософт“ неодамна предвиде дека наскоро ќе пристигне технологија којашто, меѓу другото, ќе ги замени и паметните телефони.
Станува збор за производ на компанијата „Кејотик мун“ (Chaotic Moon) – биотехнолошки уред кој ќе може да анализира и собира информации од човечкото тело. Станува збор за „електронска тетоважа“ што може да складира здравствени информации со кои ќе можеме да ги спречиме и контролираме заболувањата и, со текот на времето, да ги подобриме работите како што тоа го прават спортистите. Иако оваа „е-тетоважа“ е сè уште во развојна фаза, познато е дека ќе се нанесува на кожата со помош на мали сензори и придружни микроуреди коишто испраќаат и примаат важни податоци со помош на специјално мастило коешто спроведува струја.
Бил Гејтс ја замислил оваа технологија и како делотворен начин за остварување повици, испраќање пораки и проверување електронска пошта. Иако сè уште не знаеме кога ќе пристигне првата ваква „тетоважа“, Гејтс и тимот бараат начин таа да се користи за што повеќе задачи што ги извршуваат денешните паметни телефони.