Се’ до четвртата година од животот, Џенифер и Џун Гибонс од Хаверфордвест во Велс биле обични близначки, а потоа изненадно почнале да ги игнорираат своите родители.
Тие му го свртеле грбот на светот и живееле само една за друга. Нивниот необичен пакт го прекинала смртта на едната од нив.
Кога наполниле четири години, близначките престанале да разговараат со родителите. Кога имале нешто да им соопштат, тоа го запишувале во пораки. Меѓусебно комуницирале со таен јазик и се движеле синхронизирано – како две марионети. Џенифер ја контролирала Џун со своите очи, а се движеле многу забавено, така што изгледале како зомби.
Но, далеку од тоа дека нивниот меѓусебен однос бил совршен. Тие во еден момент делувале неразделно, а во друг почнувале да врескаат и да се гребат една со друга по лицето. Во истовреме, близначките биле неверојатно креативни и пишувале кратки приказни. Нивниот веќе сложен живот потполно почнал да се распаѓа кога се појавил нов, моќен придвижувач: љубовта кон момчињата.
Желбата за романтична љубов никогаш не им се исполнила, а сексот на брзина, алкохолот и дрогирањето со лепак била нивна страст. Близначките со текот на времето сосема полуделе – почнале да крадат и биле обвинети за подметнување пожар. Така, тие успеале да стигнат до најозлогласената ментална институција во Велика Британија – Бродмур. Во Бродмур биле затворени најголемите криминалци, но сестрите Гибонс не завршиле тука поради ситните злочини, туку поради тоа што го иритирале светот со својот завет на молчење.
Во своите дневници, тие ги опишувале психолошките игри и сложените ритуали кои си ги наметнувале на себеси: едната морала да гладува, а другата да се прејадува, а потоа ги менувале улогите. Доколку ги прекршеле правилата, тие се казнувале една со друга. Докторите пробале да ги раздвојат, но близначките сепак наоѓале начин како да комуницираат. Истовремено, тие огорчено се бореле за наклоноста и вниманието од мажите во институцијата.
Џенифер, која била родена десет минути по Џун, сметала дека нејзината постара сестра е попаметна, поубава и поомилена од неа.
“Таа сака да бидеме исти. Во нејзините очи блеска убиствен сјај. Боже, се плашам. Не е нормална. Некој ја излудува, а тоа сум јас”, пишувала Џун во своите дневници.
Додека биле во санаториумот, се родила опсесијата дека само смртта на една од нив може да ја спаси другата.
“Ти си силна. Доколку умрам јас, набрзо се’ ќе пребродиш. Ти си борец”, ѝ велела Џун на својата сестра Џенифер. Тие се договориле дека таа што ќе преживее ќе мора да го нарече своето дете по мртвата близначка, со цел и двете да продолжат со животите.
На застрашувачки начин, Џенифер го исполнила сестринскиот пакт. Во 1993 година, тие биле пуштени од озлогласената институција по 11 години. Седеле во автобусот со кој требало да отпатуваат во својот град, каде би се лечеле на клиника од отворен тип. Џенифер само потонала во седиштето, а кога пристигнале во Велс, таа повеќе не можела да зборува. Неколку часа подоцна, престанала да дише. Починала од мистериозна инфекција на срцето.
Нивната постара сестра Грета подоцна ги обвинувала властите за смртта на Џенифер, сметајќи дека тие не смееле да ја затворат во Бродмур.
“Џени не требаше да умре. Имаше само 29 години, тие не смееле да ја отпуштат доколку не била здрава. Требало да биде во болница. А Џун заслужи подобар живот. Таа никогаш не се венчаше, немаше деца, ниту ѝ се исполни желбата да стане писател”, тврдела Грета.
Џун денес живее повлечен живот, во близина на своето семејство. Според пишувањата на биографот Марџори Волас, Џун на гробот на својата сестра изјавила:
“Ме повикува. Тивко ме повикува. Тоа е како некогаш во нашиот стар кревет на спрат. Ќе ме грабнеше и ми велеше: “Те фатив! Мртва си! Повторно си со мене, ние две сме едно”. Поради неа, не видов сонце во мојот живот. Да беше жива, се’ уште ќе ми ја крадеше душата”.