четврток, 7. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Борел: Русија оди кон целосна изолација на своите граѓани

Борел: Русија оди кон целосна изолација на своите граѓани

Шефот на дипломатија на ЕУ, Жосеп Борел денеска изјави дека Кремљ манипулира со информациите за руската воена кампања во Укрaина, со цел да шири дезинформации меѓу сопствените граѓани, но и да ја наруши стабилноста и безбедноста во Европа.

Борел, истовремено ги отфрли критиките дека ЕУ со забраната за емитување на програмите на „Раша Тудеј“ и „Спутник“ и самата ги прекршила правилата за слобода на информирање.

„Кремљ и неговите медиуми систематски лажат за ситуацијата, за воената ситуација и за страдањата на украинското население. Тие систематски тврдат дека украинските власти ги бомбардираат сопствените граѓани или провоцираат нуклеарни инциденти со цел да ја обвинат Русија. Исто така, наводната русофобија за која објавуваат државните медиуми е уште една работа за која слушаат луѓето во Русија. Уште еднаш да кажам, нашите мерки се против руското раководство, а не против рускиот народ, а моменталната ситуација е резултат на акциите на претседателот Путин“, изјави Борел.

Борел, за време на дебатата во Европскиот парламент, посветена на борбата против дезинформациите во ЕУ, оцени дека руските државни медиуми „се дел од агресијата“ со која се „бомбардира мозокот на граѓаните“, додека од друга страна, Кремљ се пресметува со странските и независни медиуми и невладини организации во земјата.

„Русија оди кон целосна изолација на своите граѓани од информациите кои доаѓаат од надворешниот свет. Ги ставаат во балон, ги изолираат за да не знаат што се случува“, изјави Борел.

Во однос на забраната на руските државни медиуми „Раша Тудеј“ и „Спутник“ во ЕУ, Борел вели дека со тоа ЕУ „не се обидува да одлучи што е вистина, а што лага, туку дека фокусот е на странските актери кои намерно манипулираат со европското информациско окружување, а со цел да ги „унапредат своите цели“ и да и наштетат на ЕУ. (МИА)