Европската унија секогаш ставаше јасно до знаење дека одговорните за незаконската агресија врз Украина мора да бидат изведени пред лицето на правдата, изјави вечерва во Скопје високиот претставник на ЕУ за надворешни политика и безбедност Жозеп Борел, коментирајќи го издадениот налог на Меѓународниот кривичен суд за апсење на рускиот претседател Владимир Путин.
– Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на претседателот Путин за воени злосторства, за депортација и трансфер на деца од окупираните области на Украина во Русија. Меѓународниот кривичен суд наведува дека постојат разумни основи да се верува дека Путин сноси индивидуална одговорност за овие злосторства. Тежината на злосторствата и изјавата на МКС говорат сами за себе. Ова е важна одлука на меѓународната правда и за народот на Украина, истакна Борел по средбата со претседателот Стево Пендаровски во вила „Водно“.
Борел посочи дека ова прашање на Меѓународниот кривичен суд е само почеток во процесот за барање одговорност од Русија и нејзиниот лидер за злосторствата и злоделата што ги вршат во Украина.
– Европската унија ја цени и поддржува работата на Меѓународниот кривичен суд и неговата истрага. Не може да има неказнивост, рече Жозеп Борел.