Британската влада не била транспарентна во доделувањето договори за набавки и услуги во вредност од 20,1 милијарди евра во пандемијата, заклучува британскиот ревизор во извештајот објавен денеска.
„На почетокот на пандемијата, владата мораше итно да набави опрема за лична заштита за вработените во болницата на многу зафатен глобален пазар. Признаваме дека станува збор за вонредни околности“,нагласи Герет Дејвис, директор на Државниот завод за ревизија (НАО), орган што го надгледува трошењето на народните пари.
„Сепак, исклучително е важно тие одлуки да бидат соодветно документирани и јасни, дали владата сака да ја задржи довербата на јавноста кога станува збор за наменското и правилно трошење на парите на даночните обврзници“, додаде тој.
„Податоците презентирани во нашиот извештај покажуваат дека правилата за транспарентност и документација не беа доследно применети на почетокот на пандемијата“, забележа тој.
Според НАО, до 31 јули биле доделени повеќе од 8.600 договори во вредност од 20,1 милијарди евра, од кои 11,7 милијарди биле договорени без јавен тендер.
Воспоставен е „канал со висок приоритет“ за да им се даде предност на компаниите кои имаат препорака од министерства, службени лица, пратеници и од челници во здравството. Некои договори биле доделени ретроактивно.