Мала група баратели на азил се преместени во пловечки хостел на риморкер, вкотвен во јужна Англија, како дел од обидот на владата на Велика Британија да ги намали трошоците за сместување на луѓето кои бараат заштита во земјата, објавија британските медиуми.
Барателите на азил беа префрлени во пловечкиот хостел „Биби Стокхолм“, што може да прими до 500 мажи, од други локации низ земјата.
Американските медиуми наведуваат дека британските власти се обидуваат да го намалат бројот на баратели на азил сместени во скапи хотелски соби за итни случаи, бидејќи последниве години е регистрирано зголемување на бројот на мигранти.
Риморекрот, што е во сопственост на британската компанија „Биби Марин“, вообичаено се користи за да се обезбеди привремено сместување за работниците кога друго сместување не е достапно. Со три ката цврсто набиени спални соби, пловниот објект наликува на студентски дом, иако сместувачките единици се опремени со кујни, трпезарии, заеднички простории и пералници.
„Биби Стокхолм“ е закотвен во пристаништето Портланд на јужниот брег на Англија, а некои локални жители се спротивставија на доаѓањето на мигрантите поради загриженоста дека тоа негативно ќе влијае врз малата околна заедница, која се соочува со недостиг од медицински услуги.
Групите за права на имигрантите, исто така, се против ваквото решение, бидејќи сметаат дека таквото сместување за барателите на азил е несоодветно.
Британската влада планира да користи бродови и поранешни воени бази за сместување на некои мигранти, откако трошоците за нивно сместување во хотелите минатата година се зголемија на 1,9 милијарди фунти.
Сара Дајнс, државна секретарка во Министерството за внатрешни работи, за Би-би-си изјави дека луѓето кои илегално доаѓаат во нивната земја треба да имаат „основно, но соодветно сместување“ и дека „не може да очекуваат да останат во хотел со четири ѕвезди“.