Поранешен британски миниситер и пратеник на владејачката Конзервативна партија уапсен е откако неговата поранешна соработничка во Парламентот го обвини за силување и сексуален напад додека биле во врска.
Не е објавен идентитетот на уапсениот пратеник. Жртвата тврди дека тој ја нападнал и ја принудил на сексуални односи, поради што таа била толку истрауматизирана што завршила во болница.
Лондонската полиција потврди дека покренала истрага за четири инциденти, што наводно се случиле во периодот од јуни 2019 до јануари 2020 година на различни локации во Лондон. Полицијата додаде дека 50-годишниот маж што беше уапсен пуштен е со кауција.
Владејачката Конзервативна партија соопшти дека сите такви обвиненија сериозно ги сфаќа, но оти не може да го коментира случајот бидејќи истрагата е во тек. Пратеникот не е исклучен од партија.