Сопственикот на британската авиокомпанија „Бритиш ервејс“ ИАГ соопшти дека ја заврши 2020 година со загуба од 7,43 милијарди евра поради прекинот на патувањата во пандемијата, предупредувајќи дека е тешко да се предвиди кога бизнисот ќе се врати во нормала.
Оперативната загуба пред вонредните ставки, показател за деловната активност што ја претпочита ИАГ , минатата година изнесувала 4,37 милијарди евра, покажа деловниот извештај објавен денеска.
Во првите три месеци од оваа година, ИАГ очекува летови на ниво од само една петтина од реализираните во истиот период во 2019 година. Во претходниот квартал беше на ниво од 27 проценти.
Во последните два месеци, многу земји ги заострија ограничувањата за патување, што, предупредуваат аналитичарите, може да ја загрози клучната летна сезона и на многу авиокомпании може да им треба нов пакет финансиска помош. (МИА)